• 21 декември 2024
  • Вести денес: 0
Плусинфо21:20 01 февруари 2018 ● Прочитано 11765

Работата со референдумите е јасна. Кога нивниот исход е во наша корист, тие се демократска и легитимна одлука на народот. А ако исходот не е во наша корист, тогаш е во прашање тиранија на мнозинството. Настрана шегата, референдумите често се толкуваат навистина на многу начини, што не е без причина, пишува Иван Лакичевиќ за Слободни угао.

Ако можат Швајцарците, можеме и ние

Партиите кои ја формираа новата влада во Австрија – партијата на десниот центар, Народната партија, и десничарската Партија на слободата - уште за време на изборната кампања изразија желба во иднината повеќето одлуки во Австрија да се донесуваат преку референдум. Планот на Народната партија е секој предлог што го поддржуват повеќе од десет проценти од населението да добие шанса да биде изгласан на референдум. Партијата на слободата бара пониска граница од четири проценти.

За проширувањето на директната демократија во Австрија се даваат вообичаените аргументи, најпрво оној дека референдумот претставува најверниот израз на волјата на народот. Ова не е нужно точно. Директната демократија, додуша не е, во одредена смисла, проблематична кога постојат само две алтернативи за кои може да се одлучува. Проблемот се јавува кога има повеќе од две можни опции.

Јас не би навлегувал во техничките детали, пишува понатаму Лакичевиќ, туку само ќе издвојам два потенцијални проблема со референдумите во случај на повеќе од две алтернативи – непостоење на „најдобрата“ опција и нејасни алтернативи. Оние кои особено се заинтересирани за проблемот на колективното одлучување во случаи со повеќе од две алтернативи можат да прочитаат што напиша Владимир Глигоров за теоремите на Ероу.

Ретко кога постојат само две опции

Бидејќи постојат проблеми при донесување на општествени одлуки кога има повеќе од две алтернативи, повеќето референдуми се сведуваат на избор меѓу две опции – најчесто „да“ или „не“. Што не значи дека трета опција не постои. Ова може да биде посебен проблем бидејќи теоретски е можно во соочувањето на „ еден на еден“секоја опција да ја победи другата, а да изгуби од третата - дури и кога гласачите се рационални.

Поради тоа постои простор за манипулација од влијателни и добро организирани групи со тоа што, на пример, би елиминирале една од алтернативите и со тоа би ја протуркале својата. Тоа што е особено загрижувачко е дека таквата ситуација е можна независно од тоа со колкава разлика секоја од можните алтернативи победува или губи, и колкава разлика прават граѓаните меѓу овие алтернативи.

Помеѓу што се избира?

Кога зборуваме за нејасни алтернативи постои пригоден пример од неодамнешното минато - гласање за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија – за Брегзитот. Овој случај е интересен и за Австрија бидејќи барањето за референдум за излез од Европската унија често можеше да се слушне од Партијата на слободата, иако во последно време се стишија. Сепак, неодамна Норберт Хофер, поранешниот претседателски кандидат на Партијата на слободата, рече дека ќе поддржи одржување на референдум за излез под одредени услови. А во програмата на таа партија пишува дека за неа не е табу излегувањето од ЕУ.

Во што е всушност проблемот со Брегзитот? На прв поглед сè изгледа многу едноставно. Постојат две опции - или се излегува од Европската унија или се останува во неа. Имаме случај со две алтернативи. Значи, постојат добри услови за одржување на референдум.

Она што го гледаш не е секогаш она што го добиваш

Проблемот, меѓутоа, истакнува Лакичевиќ , е во тоа што не беше доволно јасно што ќе се случува во случај ако се изгласа Брегзит. Дали тоа, меѓу другото, значи целосно повлекување од единствениот пазар ( „тврд Брегзит“") или значи ограничен пристап до единствениот пазар („мек Брегзит“), во кој случај Велика Британија сепак ќе мора, колку-толку, да се придржува до законодавството на Европската унија? Освен тоа, ставот дека постојат само три алтернативи - останок, мек Брегзит, тврд Брегзит - претставува значително упростување на целата ситуација. Во реалноста, можности во случај на излегување има нешто повеќе.

Оваа нејаснотија дополнително ја влоши постоењето на две влијателни кампањи за излегување од Европската Унија, кои не ја даваа секогаш истата слика за тоа како тој излез навистина ќе изгледа. Со тоа се создаде можност, на пример, останувањето да биде во позиција да ги победи и мекиот и тврдиот Брегзит поединечно, но сепак да биде поразено на гласањето затоа што луѓето не знаат за што гласаат. Ако поддржувачите на двата типа на Брегзит се убедени дека со Брегзитот го добиваат токму она што го сакаат, тие ќе гласаат за излез од ЕУ. Се разбира, ова не е лесно да се постигне, но постоењето на две кампањи кои го поддржуваат напуштањето на ЕУ со не баш незначителни разлики донекаде укажува на оваа можност. Дека токму тоа беше случај на референдумот во Обединетото Кралство е тешко да се докаже. Но самата можност за таков исход донекаде го доведува референдумот во прашање.

Имајќи го ова на ум, треба да се биде свесен колку е важно алтернативите на референдумот да бидат јасно одредени. Во спротивност постои опасност директната демократија да стане алатка за спроведување на интересите на влијателни и добро организирани групи. Нема демократија без институции.

Значи, директната демократија сепак има некои недостатоци. Се разбира, ги има и посредната демократија. Улогата на политичкиот систем во една земја е токму во тоа, да ги отстрани овие маани на најдобар можен начин или барем да ги ублажи нивните негативни последици. Така што ако веќе се потпира на директната демократија, на некој начин треба да се обезбеди референдумските одлуки да не бидат секогаш во полза на една општествена група, односно да не постои општествена група која постојано го извлекува подебелиот крај.

Прашањето е дали новата австриска влада ќе има волја и способност да обезбеди такви политички институции. Искуството со десничарските влади во Европа, пред се во Полска и во Унгарија, не е охрабрувачко. Сепак, правната држава во Австрија има многу подлабоки корени што ја прават поотпорна. Тоа секако не значи дека нема да биде потребен извонреден напор таа да се одбрани, заклучува Лакичевиќ.

(Иван Лакиќевиќ е на мастер студии по економија на Универзитетот во Виена.)


Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Што можат да научат Американците од израелската култура на поседување оружје

Во Израел има оружје буквално насекаде, многу повеќе отколку во САД. Сепак, Американците се убиваат едни со други 33 пати почесто од Израелците.

Нема размена на затвореници, ослободен е курдскиот лидер

Во текот на судењето, пред судската зграда демонстрираа десетици негови земјаци, нарекувајќи го Ердоган „диктатор и фашист“.

Поранешен судија од Арканзас осуден на 5 години поради злоупотреба на службената должност

Поранешен судија од Арканзас е осуден на казна затвор од 5 годинипоради барање на сексуални противуслуги во замена за поблаги казни.

Снимка од кражба за која зборува целиот Балкан: Вистина или местенка (ВИДЕО)

Во Галеријата на Културно-информативниот центар во Загреб минатиот петок се случила кражба, а сега се објавени и снимки од настанот.

Кога дознав дека сум кандидат за трансплантација, солзи ми потекоа

Марјан Миланов е човек на кој му бил трансплантиран бубрег од кадаверик. Не знае кој бил донорот, но оваа операција му го сменила животот

НАЈЧИТАНИ