• 21 декември 2024
  • Вести денес: 0
Плусинфо17:05 13 февруари 2018 ● Прочитано 9349

Од создавањето на првата држава на Јужните Словени, која со тек на времето ќе прерасне во Југославија, помина точно еден век, а дури и спомнувањето на името на земјата, која се распадна во раните 1990-ти во крвавите војни предизвикува различни и најчесто многу емотивни реакции, пишува Јасмин Агиќ за Ал Џезира.

Историчарите и филозофите на историјата се загрижени за фалсификување на историската вистина и редуцираното претставување на историјата, во која мотивите за создавањето на Југославија секогаш или се исфрлаат од наративот или се туркаат длабоко на маргините. Југославија беше создадена како стремеж на народите од словенскиот југ да остварат слобода во независно политичко уредување, а се останато се погрешни толкувања на минатото.

Создавањето на Југославија, која првично беше формирана како Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), беше резултат на аспирациите на народите да се ослободат од империјалниот јарем, а политичките услови за тоа се стекнаа пред крајот на Првата светска војна, кога станува јасно дека Австро-унгарската монархија престанува да постои и кога од САД доаѓа политичката порака која овозможува национална независност, ги објаснува условите под кои настана Југославија историчарот од Сараево Хуснија Камберовиќ.

Паѓање на големите империи

„Идејата за создавање на заедничка држава на Јужните Словени е резултат на маргинализацијата на овие народи во големите империи кои на Балканот долго водеа своја политика, но оваа идеја се остварува дури на крајот на Првата светска војна, во времето на распадот на овие големи империи. Падот на Хабсбуршката монархија и Руското Царство на крајот на Првата светска војна, со напомена дека Отоманската империја, веќе по Балканските војни 1912-1913 година., всушност, престана да биде било каков фактор во овој дел на Балканот, како и истакнувањето на американскиот концепт содржан во програмата наречена „14 точки“, кое содржеше и право на народите на самоопределување, доведоа до обединување на југословенските народи во една држава. Значи, клучниот момент беше исчезнувањето на големите империи и правото на народите на самоопределување".

Камберовиќ вели дека најголем дел од тогашната политичка елита сакала создавање на Југославија, и дека создавањето на таа држава, тогаш им одговарало на повеќето народи. Хрватите и Словенците биле незадоволни од состојбата во Хабсбуршката монархија, објаснува Камберовиќ, додавајќи дека создавањето на Југославија отворало нови можности за национален развој.

Некои сомнежи во врска со целисходноста од влегувањето во Југославија имале главно народите, кои по Балканските војни и заминувањето на Османлиите ја доживувале новата држава како еден вид на окупација, вели понатаму Камберовиќ.

„Црногорците имаа различни ставови, биле прилично поделени, меѓу другото, и затоа што од 1878 година функционира како независна држава со своја династија, но и тие на крајот на војната, прво прогласија обединување со Србија, која на 01. 12. 1918 .се обедини со земјата на Словенците, Хрватите и Србите во единствено Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.

Можеби најнезадоволни биле Македонците, кои имале негативни искуства од Балканските војни од 1912/1913, како и муслиманите во Санџак и Албанците во Косово, со оглед дека тие тоа влегување во југословенск држава го доживуваа не како рамка за сопствената афирмација, туку како еден вид на окупација".

Југословенската идеја потекна од Хрватска

Иронично, денес југословенската идеја, која беше формирана во рамките на напредните кругови на хрватската интелигенција во тоа време, е најоспорувана во Хрватска, а југословенската држава добива најнегативни конотации токму од хрватските интелектуални и политички кругови. Југославија беше најдобра историска опција за Хрватите, објаснува историчарот од Загреб, Твртко Јаковина, бидејќи сите други опции, долгорочно, беа извонредно штетни за хрватските национални интереси.

„Прво, тоа на многу начини беше хрватска идеја, таа југословенска идеја, и, од друга страна, во тој момент немаше други поповолни опции во која Хрватска би можела поинаку да заврши среќно или хрватскиот простор поинаку да заврши среќно. Кога велам „среќно“, тогаш тоа значи дека пред Хрватите или хрватските земји по тогашните договори постоела можност Хрватите да завршат како Унгарците. И тоа беше многу реална работа, бидејќи Италијанците нивниот договор го потпишале, а Србите беа првата жртва од светската војна и една од опциите на Србија тогаш беше создавањето на „Голема Србија“.

Формирањето на Југославија го спречи создавањето на „Голема Србија“, тврди Јаковина, кој објаснува дека делови од денешна Хрватска со понудата, која ја добил, па ја одбил српскиот премиер Никола Пашиќ, ќе припаднеа на Србија. Српската влада имаше две опции и две решенија и едно од нив беше создавање на „Голема Србија“ „спојување на српските земји или здружување на земјите каде што живеат исклучиво Срби или создавање на голема јужнословенска држава, која ќе се протега од Караванките до Вардар. Овие беа двете опции со кои се оперирало“.

Да не дојдеше до создавање на Југославија и Пашиќ да не ја прифатеше понудата на Антантата, државниот простор на Јужните Словени ќе изгледаше многу поразлично, а Хрватите веројатно никогаш не би биле во можност да ја постигнат својата национална, политичка и културна автономија. Многумина денес не разбираат дека без Југославија просторот на хрватските земји би останал поделен на неколку делови. „Според тоа, хрватските земји сигурно би завршиле расцепкани, и само било прашање дали некаков дел од територијата меѓу Загреб и Риека би бил под надлежност на банската влада во Загреб, или и тоа ќе беше припоено кон Австрија или, поверојатно, кон Унгарија. За хрватските политичари секоја друга варијанта беше необично неповолна во долгорочната перспектива и тие земји би биле целосно поделени меѓу најмалку три фактори. Прашањето е дали би имал некој елемент на хрватската држава. И прашањето е дали таа територија, со таков мал и неразвиен народ, некогаш би имала магнетна способност да ги привлече другите елементи што би завршиле во Италија или Србија, како што се случи по Втората светска војна“.

Амбиции на Никола Пашиќ
Кога зборуваме за понудата на Антантата на Никола Пашиќ и неговото одбивање, Камберовиќ потсетува дека договорот подразбирал Србија да ја добие Босна и Херцеговина и дел од Далмација, но тоа исто така подразбирало Србија, во корист на Бугарија, да се откаже од Источна Македонија, и уште некои делови кои во Србија се сметани за „српски национален интерес“. Амбициите на Пашиќ беа поголеми од „Голема Србија“.

„Пашиќ тоа го одби поради многу причини, но мислам дека клучно било неговото уверување дека со тоа не го решава српското национално прашање. Тој верувал дека српското национално прашање може да се реши со создавање на држава поголема од „Голема Србија“. Еноставно, би можело да се заклучи дека со создавањето на Југославија во 1918 година,која во нејзини рамки ги вклучи повеќето од југословенските народи, била создадена можноста овие земји да продолжат да се афирмираат. Меѓутоа, конфликтите што почнаа веднаш по нејзиното создавање не ги оправда првобитните надежи“.

Имињата на оние кои учествуваа во создавањето на Југославија се речиси заборавени, а нивното „бришење“ од јавниот простор се врши намерно и систематски. Во Хрватска дури се отиде толку далеку што бистите, како таа на Франо Супило во Цавтат ,се уништувани, а југословенската идеја се демонизира.

Денешниот однос кон историјата повеќе зборува во каква состојба се наоѓа не само пошироката интелектуална заедница, резолутен е Јаковина, туку и со какви мотиви во научните трудови се водат „сериозните“ историчари.

„Во еден дел, станува збор, што се однесува до занимањето и историската науката, за подкапацитирани или многу слаби научници, а од друга страна, сите општествени науки во голем дел се одраз на моменталната состојба во општеството. Хрватска живее долги години, со децении, токму на спротивното од тоа што било. Југославија била сфаќана само како големосрпска идеја и креација, а потоа и сè друго поврзано со тоа по стекнувањето на независноста. Наместо со студена глава да можеме да го анализира минатото, ние тоа го претворивме во примарно политичко прашање“.
 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Што можат да научат Американците од израелската култура на поседување оружје

Во Израел има оружје буквално насекаде, многу повеќе отколку во САД. Сепак, Американците се убиваат едни со други 33 пати почесто од Израелците.

Нема размена на затвореници, ослободен е курдскиот лидер

Во текот на судењето, пред судската зграда демонстрираа десетици негови земјаци, нарекувајќи го Ердоган „диктатор и фашист“.

Поранешен судија од Арканзас осуден на 5 години поради злоупотреба на службената должност

Поранешен судија од Арканзас е осуден на казна затвор од 5 годинипоради барање на сексуални противуслуги во замена за поблаги казни.

Снимка од кражба за која зборува целиот Балкан: Вистина или местенка (ВИДЕО)

Во Галеријата на Културно-информативниот центар во Загреб минатиот петок се случила кражба, а сега се објавени и снимки од настанот.

Кога дознав дека сум кандидат за трансплантација, солзи ми потекоа

Марјан Миланов е човек на кој му бил трансплантиран бубрег од кадаверик. Не знае кој бил донорот, но оваа операција му го сменила животот

НАЈЧИТАНИ