• 21 декември 2024
  • Вести денес: 0
Сунчица Уневска15:41 21 февруари 2018 ● Прочитано 4699

Шеесет и осмото издание на Берлинскиот филмски фестивал има големи шанси да се претвори во едно од најголемите фијаска во последниве години, особено кога станува збор за главната програма. Од филм во филм, наместо да станува подобра, селекцијата на филмови се покажува погубна, па сè почесто се поставува прашањето, кој воопшто ја правеше годинешната програма? Сето ова, што е уште полошо, му оди на рака токму на незадоволството на целата филмска фела во земјата, која веќе подолго време бара промени, а годинава беше поднесена и петиција за целосна обнова на Берлинскиот фестивал, која ја потпишаа дури 80 германски режисери. Меѓутоа, како што објави нивното Министерство за култура, мандатот на легендарниот Дитер Кослик трае до мај 2019 година, така што тој, без оглед каква и да биде програмата на фестивалот, нема да биде сменет, туку ќе остане на чело на Берлинале и идното 69-то издание.

И „Утоја 22 јули“ далеку од очекуваното

Интересно е, а и одамна не се случило, по прикажување на дури 12 од 19 филма во главната трка за наградата „Златна мечка“, да не се појави ниту еден фаворит. Дури и размислувањето за фаворит станува преголемо очекување, но не се појави ниту еден добар филм за кој би се зборувало и кој би можел да го загрози првото место кое сè уште неприкосновено го држи филмот на отворањето, анимацијата „Остров на кучињата“ на Вес Андерсон. Впрочем, и нема да биде страшно ако победи Вес Андерсон, и онака тој досега има освоено само „Сребрена мечка“ односно Наградата на жирито, и тоа за филмот „Гранд хотел Будимпешта“, со кој, исто така, го отвори Берлиналето пред четири години.

Многу се очекуваше од „Утоја 22 јули“ на Ерик Попе, норвешки филм што се навраќа на страшниот масакр што се случи во 2011 година на островот Утоја покрај Осло, кога Андерс Брејвик уби 77 луѓе, а беа ранети стотина. Се очекуваше многу не само затоа што сè уште се свежи сеќавањата, туку и затоа што станува збор за таков ужасен настан, но и комплексен проблем од кој во најмала рака се очекуваше силен филм со важна порака за денешната глобализација, за светот во кој живееме, за апсурдите што нè опкружуваат, за потфрлувањето на општеството, но и на семејството во него.

Но, режисерот, по сите огромни истражувања, како што самиот вели, по цели три години разговор со сите очевидци, сведоци и учесници, се одлучил за настанот да зборува на многу чуден начин, без да опфати буквално ништо, освен стравот и ужасот во кој ќе се најдат младите луѓе без воопшто да знаат што се случува. И публиката е ставена во истата позиција. Да, ние навистина можевме да ја доживееме целата таа паника што ќе се создаде откако ќе почне пукањето и да го следиме искуството на 19-годишната Каја, и толку. На крајот единствено пишува дека да се реагирало побргу и да биле поподготвени, веројатно бројот на жртвите немало да биде толку голем, бидејќи Брејвик имал можност да пука цели 72 минути. Секако дека тоа е важно и тој податок се знае, но филмот имаше многу аспекти што можеше и требаше да ги опфати, сепак би рекле штета што оваа тема и овој настан се на ваков начин „потрошени“ за филмот.

„Стикс“ е филм за човечката нечовечност

Најубавите филмови на фестивалот главно ги видовме во програмата „Панорама“ и надвор од конкуренција. Два филма поврзани на различен начин со бегалците ги одбележаа изминативе денови. Може да се каже дека еден од најсилните филмови што се прикажа во „Панорама“ е британско-германскиот „Стикс“ на Волфганг Фишер. Уште подобар беше изборот на организаторите што овој исклучително визуелен филм се прикажуваше во киносалата „ИМАКС“ со извонредни технолошки можности, која навистина носи неверојатно чувство и доживување.

А филмот се чини како да е специјално направен за ваква киносала, бидејќи уште од самиот почеток дава една перспектива од висина, перспектива на еден прекрасен крајбрежен град, каде што има и авионска писта, а во самиот преден план се наоѓаат мајмуни, кои како пополека да се симнуваат и како да имаат намера да го освојат градот во кој се случуваат непотребни, бизарни несреќи, додека по беспрекорно средените улици нема никого. Исклучителни кадри, нестварни. Не случајно докторката што ја игра Сузан Волф сонува за Дарвиновиот идеален свет и недопрената природа, поради што ќе тргне на пловидба со својот брод и со надеж дека ќе ѝ се промени животот. За жал, животот навистина ќе ѝ се промени, но не така како што очекуваше. Наеднаш на отворено море најголемиот проблем нема да биде природата, бурата, ветрот и дождот, туку повторно човечката нечовечност и однесување, како да се тие некој одбран вид. Ќе се обидува со часови да повика помош за бродот со бегалци на кои наидува, а кој почнува да тоне, но нема да успее, за на крајот да се соочи со неиздржливото, страшните последици од човечката индиферентност и негрижа.

Ни семејството не може да ја спаси генезата на насилството

Унгарскиот филм „Генеза“ на Арпад Богдан, исто така, се однесува на проблемот со бегалците, само овде повторно се навраќа на настаните од 2009 година, кога неонацистите ќе го нападнат ромскиот камп. Богдан ќе направи три приказни што меѓусебно ги поврзува токму овој настан, но тој во секоја од нив пред сè зборува за загубата, а особено за семејството. Тоа беше и неговата порака пред почетокот на филмот, да мислиме на важноста на семејството кое тој го загубил на 5-годишна возраст и пораснал во сиропиталиште. И тоа е можеби и најдобрата порака, кога станува збор за овие теми, порака и освестување за неважноста на другиот, неважноста на нивните семејства, неважноста за страдањето на луѓето, чија единствена вина е што се поинакви.

Одличен филм направен со извонредно чувство, бидејќи Богдан ќе направи такви неочекувани ситуации полни со иронија, какви што само животот може да направи, а низ кои најдобро зборува за целиот апсурд и за реалноста, која понекогаш умее да ни се насмевне в лице, ставајќи нè онаму када што мислиме дека не може да нè допре и дека можеме да имаме контрола. Каква заблуда.

„7 дена во Ентебе“ причина за раздор

Огромно внимание предизвика и филмот прикажан надвор од конкуренција, „Седум дена во Ентебе“ на бразилскиот режисер Жозе Падилја, а кој зборува за настанот од 1976 година што повеќепати е филмуван, кога припадници на Фронтот за ослободување на Палестина и на германската Револуционерна ќелија ќе го киднапираат авионот што патува од Тел Авив до Париз со 248 патници. Но, Падилја нема да се држи до приказната за израелските командоси кои ќе изведат херојски чин, туку ќе направи своја верзија на ова киднапирање, кое ќе заврши во Ентебе, бидејќи киднаперите ја имаат поддршката на диктаторот од Уганда, Иди Амин.

Оваа операција е позната како Тандерболт, за што имаше и филм со исто име, а исто така и како Операција Џонатан по името на полковникот Џонатан Нетанјаху, кој единствен и ќе загине, но сосем поразлично од овој филм. Неговиот постар брат Бенџамин Нетанјаху е актуелен премиер на Израел. И иако и самиот Падилја вели дека ова е филм и дека е потребен дополнителен материјал, сепак, тој многу се придржувал до автентичноста, разговарал со директни сведоци, а советник му бил поранешен член на Израелски одбранбени сили. Но, никој не сака да ја прифати оваа верзија, бидејќи таа во многу се разликува од херојската мисија кога 200 израелски командоси ќе ги ослободат заложниците и ќе ги совладаат угандските војници.

Филмот не беше добро прифатен во Берлин од повеќето и самите критичари му наоѓаа многу недостатоци, споредувајќи ги податоците и пишувајќи за тоа какви отклонувања има од она што се смета за вистински настан или од она што е прикажано во другите играни или документарни филмови за ова киднапирање кое ќе трае цела недела. Меѓутоа, ако не зборуваме за тоа што е точно, а што не, и колкава е автентичноста на филмот, тогаш можеме да кажеме дека ова е добар филм, со добри улоги и карактери и дека Падилја (познат по својата „Елитна единица“ за која доби „Златна мечка“) и овде прави извонредна симболика и му дава на филмот визуелна силина низ играта на една израелска танцова компанија и кореографија на Охад Нахарин, која се одигрува паралелно како своевидна претстава. Жестоко, динамично, агресивно, убиствено, додека протагонистите се разголуваат на сцена. Извонреден ефект и добра порака на крајот од филмот за тоа дека успехот не е ничиј сè додека нема мировни преговори. А како што пишува на крајот на филмот, такви нема ни до денес.

(Објавено во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Горан Марковиќ ќе гостува на изведбата на „Говорна мана“ во МНТ

Тој е автор на текстот на оваа претстава чија премиера во МНТ, во режија на Драгана Милошевска-Попова, беше минатата година.

„Балкански мостови“ за филмот „Три дена во септември“

Наградата „Балкански мостови“ e за најдобар филм на шестиот фестивал Balkan Florence Experience кој се одржа во Фиренца од 22-ри до 25 февруари.

Поезија од Лулзим Хазири на македонски

Преводот на песните од албански на македонски јазик е на Линдита Ахмети.

Саемот на книга годинава ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“

„Нема да дозволиме изумирање на читателската култура, ќе им помогнеме на издавачите и љубителите на книгата“, соопшти Министерството за култура.

Венко Андоновски номиниран за Толстоевата награда „Јасна полјана“

Меѓу номинираните се и познатите светски писатели Каѕуро Исигуро, Тони Морисон, Јак Мекјуан, Џонатан Литл, Амоз Ос, Маргарет Етвуд и други.

НАЈЧИТАНИ