• 21 декември 2024
  • Вести денес: 0
Весна Дамчевска21:29 26 февруари 2018 ● Прочитано 2219

Одлуката да се ставаат маркички во Македонија откако ќе се увезе брашното од Србија, а не како што тоа порано се правеше, меркичките да се лепат уште во Србија, ги вжештија односите на министерствата за земјоделство од двете земји. Од Србија стасаа вести дека ќе одговорат со реципроцитет за извозот што особено ѝ е значаен на Македонија. Ваквата реакција, по којзнае кој пат во изминативе години, се нарече потенцијална опасност од трговска војна со северниот сосед, а премиерот Зоран Заев викендов лично ја смируваше јавноста дека ќе се најде решение за овој проблем.

Но зошто српските извозници на брашно толку се лутат што маркичка ќе се става во Македонија наместо во Србија? За ова постојат повеќе образложенија. Според производителите од Србија, со новиот начин на лепење маркички им се зголемува времето за извоз, како и трошоците. Македонските увозници што увезуваат брашно од Србија сметаат дека на овој начин се обидуваат македонските производители да станат поконкурентни, но дека тоа е грешна политика, додека, пак, македонските мелничари велат дека на овој начин Владата се обидува конечно да стави крај на неконтролираниот увоз на српското брашно.


Зошто се ставаат маркичките?


Според Законот за квалитет на земјоделски производи, „брашното може да се стави во промет ако е означено со контролна марка и ги исполнува условите за промет и за квалитет утврдени со овој закон“.

Според претставниците на пекарската индустрија во Македонија, вака е во сите земји, односно на секој стратешки производ се става контролна марка.

- Не е нормално маркичката да се става во Србија, а не во земјата каде што се продава брашното, односно во Македонија – вели Тодор Ѓорѓевски од компанијата за производство на брашно „Кадино“.

Според Ѓорѓевски, актуелната влада решила да стави крај на неконтролираниот увоз на брашно од соседството.

- Од Србија се увезува брашно без почитување стандарди и закон. Еве еден еклатантен пример. Шлепер од Србија влегува во Скопје и потоа врши дистрибуција на пет места. Тоа е меѓународен прекршок. Брашното треба да биде однесено во соодветен склад за таа намена, според стандарди пропишани од Агенцијата за храна и ветеринарство. Мора да има начин за безбедна контрола. Ние не сме против конкуренција. Брашно од Србија мора да има, затоа што ние немаме доволно количини, но правилата треба да бидат еднакви како за домашните производители, така и за брашното од Србија. Поради нечии интереси тоа во изминатиов период беше привилегирано - тврди Ѓорѓевски.


Увозници: Контроли се прават секој месец


Наспроти неговите тврдења, увозникот на брашно Румен Смилевски, директор на компанијата „Малина“, вели дека маркичките за брашното ги нема во регионот. Според него, брашното од Србија се контролира дури и повеќе од европските стандарди.

- Секој месец се земаат по две мостри од секој камион и се прават анализи Ова чини пари. Во Европа овие анализи се прават еднаш на шест месеци – тврди Смилевски.

Тој вели дека идејата за воведување маркички била поради постоење различно ДДВ за брашно и за трици, но со нивното изедначување, ја снемало потребата од маркички.

- Кога бев претседател на мелничко-пекарската индустрија, лично се залагав за вакви маркички. Но тогаш ДДВ на брашно беше 5 проценти, а на трици 18 проценти, па се залагав маркичките да бидат некаков гарант за да нема манипулации. Сега даноците се изедначени – вели Смилевски.

Деновиве деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад ги обвини македонските власти дека со неодамна воведените мерки, придонесле увозот на брашно од Србија да биде „речиси неисплатлив“, пишува „Политика“.

Според весникот, со новата постапка, брашното од Србија се извезува во Македонија без македонски марки. Потоа се складира таму и по фитосанитарниот преглед увозникот може да ги подигне маркичките и да ги истакне на производот. Меѓутоа, исто така мора и да го отпакува брашното и да ангажира луѓе. Имено, како што објаснуваат овдешните увозници, брашното што е спакувано во ќеси од еден или два килограми, потоа е пакувано во поголеми амбалажи во кои се пакувани по 10 или повеќе поединечни пакувања од по еден или два килограми.

За српските производители, Македонија претставува трет извозен пазар каде што годишно се пласираат од 30.000 до 40.000 тони брашно.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

За прилепчани за 2 денари поскапе отпадната вода, ќе пијат за иста цена

Според калкулациите на прилепски водовод мартовските сметки што прилепчани ќе ги добијат во април во просек ќе се зголемат за 15 до 20 денари.

Себастијан Соса, резидентен претставник на ММФ во Македонија

Соса е резидентен претставник на ММФ во Србија.

МТСП: Усвоени измените на Законот за стечајци за поголем опфатат на стечајците

Со овие измени ќе бидат опфатени дополнителни 1900 лица.

Избегнете ги обврските околу домот со инвестирање во услуги од професионална кариера

Моментно една од водечките компании во регионот која врши услуги од овој тип е групацијата „Секјуриком“.

Србија и Македонија во петок во Скопје ќе го решаваат проблемот со брашното

Двајцата министри, вчера, телефонски разговарале за начинот како да се реши проблемот на отежнатиот извоз на брашно од Србија на македонскиот пазар.

НАЈЧИТАНИ