• 10 декември 2024
  • Вести денес: 0

Неверојатната актуелност и една реална, употреблива мудрост, што и ден-денес извира од размислувањата на Платон и на Аристотел за општествените проблеми и уредувањето на државата, всушност не зборува само за генијалноста на овие антички филозофи, туку и за фактот дека човештвото овие два и пол милениуми постигна многу повеќе во осознавањето на мртвиот материјален свет на физиката и хемијата, отколку што успеа да разбере нешто за суштинските аспекти на сопственото битисување. Се чини дека решенијата и на наједноставните проблеми во светот на машините, кои секому му се логични и разбирливи, кога треба да се применат во слични ситуации во општеството, стануваат предмет на неразбирање и мистификација.

Кој не знае дека ако ви „пролупа“ моторот на автомобилот, единственото решение е купување ново, или ремонт на старото и замена на еден куп витални делови во моторот – клипови, хилзни, пиксни и болцни, дихтунзи, семеринзи и што се не? Но, кога станува збор за еден сериозно расипан државен механизам составен од куп министерства и институции, во кои работат десетици илјади државни службеници, е, тогаш сите мислиме дека е доволно само да го смениме возачот, и очекуваме застанатата државна крнтија да почне да „вози“ мазно и полетно како вчера да излегла од фабрика?

Моторот оштетен

По единаесетгодишното систематско уништување на државата од страна на ВМРО, на Македонија ѝ е потребен генерален ремонт, комплекс на реформи што би требало да ги вратат во функција институциите на државата, и паралелно, потребни се и нови закони што ќе го хармонизираат животот во целото општество. Наместо тоа, ние донесовме нова, слободарска власт, што ја чинат еден премиер, дузина и пол министри, стотина директори, и веќе со нетрпение го чекаме денот кога македонската лимузина ќе почне да вози како „Мајбах“. А, моторот на македонската демократија – смртно оштетен од партиско-мафијашкиот режим – меша масло со вода за ладење и се обидува да согорува мајонез, па „кантата“ од која очекуваме да вози ко нова само затоа што воланот и е во нови раце - стои, па тресе, пука и чури густ и темен, смрдлив чад, во кој веќе не ги распознаваме ни сопствените ликови. Решението - толку очигледно кога се работи за автомобил, се вика департизација на „заробената држава“ или девмроизација на општеството.

Кога сме кај денацификацијата, има една вистинска приказна за повоена Германија, што ни ја раскажува Ридигер Зафрански, која е особено поучна за нашиот зачаден и се уште темен час. Елем, на втори мај 1945 година, на шалтерот на надлежните служби во Либек, се јавил некојси Ханс Шверте, кој изјавил дека се враќа од Источен фронт без доказ за идентитетот, зашто документите му ги уништила војната. Всушност, се работело за школуван германист, висок офицер на СС, д-р Ханс Ернст Шнајдер, кој војната ја поминал во Химлеровата злогласна „научна“ служба Аненербе, одговорна за докажување на натчовечките својства на германската раса, но и за злосторнички медицински експерименти во концентрационите логори.

Така, д-р Шнајдер го започнал својот нов живот како Шверте, ја нашол својата предвоена сопруга и повторно се оженил со неа, повторно запишал студии, ги завршил и со успех повторно докторирал, овојпат на страната на либералната германистика која била најостриот критичар на идеолошкиот национализам. Шверте направил сјајна универзитетска кариера, што била крунисана со ректорски мандат на Ахенскиот универзитет, углед на врвен научник што ја афирмирал либералната реформа на универзитетот и на германистиката како дисциплина и пензија во која отишол со Орден за заслуги за СР Германија. Но, ненадејно, во неговата длабока старост, во 1994 година, бил разоткриен неговиот вистински идентитет, му била одземена професурата, пензијата и признанијата и бил оставен да умре презрен во старечки дом. Остана неговата парадигматична изјава, дадена непосредно пред смртта во 1999 година, дека не може да го разбере овој свет, зашто „тој самиот се денацификувал“.


Сенародна денацификација

Суровата и иронична поука од судбината на Шнајдер-Шверте е дека човекот можел да направи блескава кариера во повоената Германија и како д-р Шнајдер, се разбира, без да го менува идентитетот и без да ја ризикува својата пензија и научен углед. Зошто? Затоа што процесот на денацификацијата бил прекинат по само две-три години, поради почетокот на Студената војна, па стотиците илјади членови на СС и кој знае колку други злосторници, биле вклучени во општеството, во јавниот и академскиот живот, како и во политиката, и учествувале во градењето на германската повоена демократија. Но, ќе прашате, почитувани читатели, што е нашата поука од приказната за Шнајдер-Шверте: треба ли да ја „тераме“ нашата денацификација т.е. девмроизација или да оставиме вмровците самите да се девмроизираат како Шверте? Или пак, вистинската поука е дека поединечната самоденацификација е всушност можна единствено во околности во кои целото општество учествува во сопственото темелно реформирање, во процесот на сенародна самоденацификација. Во процес во кој се обновуваат и менуваат суштинските својства на нацијата – пред сè, нејзиниот идентитет, кој од нацистички - во нашиот случај вмровско-фашистички – треба да се прероди во либерално демократски и социјално праведен идентитет.

Доколку не се сетиме дека мораме да пројдеме низ катарзата на една темелна денацификација и, доколку не бидеме очајно решителни во овој процес на обновување на демократските институции и граѓанското општество, единствено што ќе ни преостане е да го спуштиме ниско надолу нишанот на нашите очекувања. И на нашите надежи, за жал. Значи, сепак: нов возач добивме, но неопходен е и генерален ремонт на колата! 

 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ