• 10 декември 2024
  • Вести денес: 0

Во општествата каде што постои тензија и конфликт на интересите во меѓунационалните односи, прифаќањето и почитувањето на вредностите на другиот е основната претпоставка за решавање на меѓуетничките конфликти.

Културното наследство и културните вредности кои го определуваат културниот идентитет на другиот е основниот кохезивен фактор на мултиетничкото општество. Секако дека решенијата се различни. Во политичките системи кои се базираат на граѓанската демократија решението се бара во развивањето на индивидуализмот и универзалните права на човекот, во правото на човекот како граѓанин, а не како припадник на одреден етнос, во неутралноста на државата, односно во еднаквиот однос на државата кон културните вредности и културниот идентитет на националностите кои ја чинат мултиетничката заедница. Ваквиот пристап се чини како недоволен дури и како противречен со класичниот, европски, модел на државата чиј конституент е нацијата, односно во државите кои се засноваат на „државотворна нација“‘ и на „национални заедници“, во кои се потенцира стремежот на водечката нација за доминација. Тоа само по себе го отвора прашањето на конфликтот помеѓу „државотворната нација“ и „малцинските заедници“ во мултиетничката држава, односно се отвора прашањето дали, во такви услови, државата која се базира на националниот принцип дава доволна гаранција за заштита на правата на малцинските заедници.

Станува збор за вредносни ставови со кои се отвора прашањето дали сите мораат да имаат исти права и обврски ставајќи го во центарот човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности или пак на малцинските заедници треба да им се обезбедат дополнителни права како гаранција за почитување на нивниот културен и национален идентитет. Доколку, покрај наваденото се бараат и посебни економски и политички права тогаш конфликтот уште повеќе се усложнува. Оттаму, од една страна, зад завесите на негирањето на основните права на другиот во кој спаѓаат правото на образование на својот јазик, културните вредности и културното наследство, правата на еднакви услови на економски и социјален развој и учество во политичките процеси, се крие настојувањето да се обезбеди сопствената супериорност и да се обезбедат привилегирани позиции во даденото мултиетничко општество. Од друга страна пак, ако обезбедувањето на посебните, колективистички, права на малцинските заедници се бара со цел да се остварат посебни, привилегирани права кои се базираат на етноцентризмот, тогаш предизвиците за решавање на конфликтите, па дури и за опстанок на мултинационалната и мултикултурна држава се актуализираат и усложнуваат. Ова е особено значајно од аспект на развојот на демократските процеси на локалната самоуправа.

Во услови на етничка поделеност, отсуство на заеднички интерес, а посебно кога етноцентризмот политички се инструментализира, доаѓа до застој на децентрализацијата и на јакнењето на локалната самоуправа, особено ако мнозинството - кое нема друга алтернатива освен сопствената држава - на одредена етничка заедница, користејќи ја мајоризацијата, ги дискриминира припадниците на останатите етнички заедници, а посебно на мнозинската нација во државата.Во такви услови демократизацијата на едно општество е соочена со предизвикот на сепаратизмот или поточно со барање за „сопствена држава‘‘.

Посебен предизвик за хомогеноста на една заедница се јавува во услови кога етноцентризмот станува средство за политичко читање на историјата, кога минатото станува неизвесна иднина на опстојувањето на заедничката држава.

Сѐ се тоа предизвици кога етничките и културните разлики стануваат извор за конфронтации и кочница на интегративните процеси и процесите на градењето на заедничките интереси со кои се соочува хомогенизацијата на едно мултикултурно и мулти конфесионално општество.

Ако слободата на кој било во една политичка заедница е доведена во прашање тогаш, со тек на време, ограничувањето на слободите ќе се прошири и на останатите национални заедници, вклучително и на „државотворната‘‘. Всушност, со суспендирањето или какво било ограничување на слободата се суспендира или ограничува јавниот живот во одредена политичка заедница. Демократијата подразбира слобода за сите, слобода на избор, слобода на делување и луѓе со слободна волја (Џ. С. Мил).

Веќе подолго време се случуваат настани кои навестуваат дека етничките тензии, како повторно, да се враќаат во Македонија и сѐ поприсутно е мислењето дека Р. Македонија спаѓа во редот на „неуспешни држави‘‘ (failed states) држави со вградена мана на „консоцијалната демократија‘‘. Зад „спонтаните‘‘ протести на поединци или групи во име на заштитата на „правата на етносот“ се кријат сериозни тенденции кои водат кон дестабилизација. Во случаите, пак, кога етноцентризмот е инструментализиран од страна на политичките партии, кога тие немаат капацитет да ги развиваат интегративните процеси низ институциите на системот или пак кога институциите го немаат потребниот капацитет за разрешување на етничките конфликти, тогаш се руши правната држава и се отвора простор за агресивност на „толпата“ која тендира да прерасне во заштитник на етничките интереси рушејќи го правниот систем врз кој се конституирани институциите на политичкиот систем на граѓанската демократија. Етнички поделените политички партии ја губат својата интегративна улога низ институциите на политичкиот систем, а системот станува неотпорен спрема факторите на неговата дестабилизација. На површина се појавува толпата, која сака да се легитимира како фактор за решавање, наспроти законите и институции, а нејзиниот терен е улицата.

За македонското законодавство не може да се каже дека е „нетолерантно“ спрема правата на националните заедници, посебно ако се спореди со законодавствата на другите балкански држави, регион каде што етноцентризмот донел и сѐ уште носи многу несреќи. Напротив, македонскиот Устав и законодавството повеќе тендираат кон консензуален отколку кон интегративен, политички систем. Тогаш проблемот треба да се бара во одговорноста и капацитетот на политичките субјекти низ институциите на политичкиот систем да ги артикулираат вистинските интереси на граѓаните независно од етничката припадност и вредностите кои водат кон интеграција на општеството. Секако ако е тоа вистинската нивна програмска определба. Се чини дека партиите повеќе личат на „претпријатија“ чија цел е да ја експлоатираат државата отколку како субјекти преку кои се артикулира плурализмот на интересите на граѓаните и обезбедува интегритетот на мултиетничкото општество.

Конечно, научните анализи (Н. Марковиќ, И. Дамјановски - Состојбите на демократијата во Република Македонија-слободен пад или привремена криза; Политичке перспективе бр. 2 од 2013) иако се недоволни и би рекол не ретко оптоварени со тоа да не се „замерат“ на политичките партии, упатуваа на констатацијата дека, граѓанското општество во Р. Македонија покажуваше и сѐ уште покажува загрижувачки конфликтен капацитет и дека „иако овие конфликти до сега беа претежно од етнички карактер, тие сѐ повеќе стануваат идеолошки“. Од друга страна, се констатира дека на општата конфликтност во македонското општество влијае и „незрелоста на партискиот систем“.

Оттука новата програмска определеност, изразена преку определбите на лидерот на СДСМ за изградба на општество за сите, влева надеж дека се наоѓаме на правиот пат во потрагата кон иднината. Колку при тоа ќе се наидува на препреки и колку тие успешно ќе се совладуваат секако е предизвик кој зависи пред сѐ од политичките структури, но и од сите нас да се спротивставиме на ретроградните тенденции во нивната алчност да се задржат или да дојдат по секоја цена на власт.

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ