• 10 декември 2024
  • Вести денес: 0

Платформата за Природна Албанија (2012 година) како и залагањето на одделни политички структури на Косово и во Албанија за обединување со Албанија како дел од проектот за создавање на Природна Албанија предизвикаа сериозни политички дебати, вклучително и меѓу албанските политички структури во Македонија и на Косово, за која претходно се изјаснуваше премиерот на Албанија, Сали Бериша, а во најново време и премиерот Еди Рама. Интересот беше насочен, пред сѐ, од аспект дали тие идеи се составен дел на регионалната политика на албанската влада или пак станува збор за политичко профитерство.

Иако расправата, по оваа Платформа, на одделни лидери повеќе им послужи за подигање на сопствениот рејтинг отколку што е производ на продлабочени анализи, базирани на внатрешните и надворешните политички интереси и приоритети на Албанија, на реалните политички процеси на балканскиот регион или пак на процесите на евроатланските интеграции и геополитички интереси, сепак појавата не е случаен продукт на „сонувачите‘‘ на Голема Албанија и не без последици на безбедносната и политичката стабилизација на регионот.

Гледано од еден друг агол се поставува клучното прашање што всушност нуди Платформата – создавање на Природна (Обединета) Албанија или пак федерализација на Албанија, односно дали и колку идејата за Голема Албанија кореспондира со евроатланските интегративни процеси како стратешка определба на Албанија и на Косово.

Но пред да дадеме сопствен поглед на овие прашања потребно е да се каже што всушност се бара(ше) со оваа Платформа.
Авторите на Платформата, создавањето на Природна Албанија го засноваа врз следните аргументи:

1. Врз историското наследство кое го поврзуваат со борбите на Георгија-Ѓерѓ Кастриот - Скендербег против Османската империја во 15 век, со одлуките на Призренската лига од 1878, одлуките донесени во Валона на 28 ноември 1912 година со кои се прогласува независноста на Албанија, структурата на Владата избрана на 04.12.1912 и на Националното Собрание во кое, од 63 пратеници, 16 биле од Косово, од Скопје, како тогашен центар на косовскиот вилает и од некои другите градови и 7 претставници од Чемерија-дел од територијата на денешен северозападен Епир во Грција, населен со албанско население кое, за време на војните, е протерано или ликвидирано од страна на Грција. Платформата исто така се повикува на одлуките на Бујанската конференција од 31.12.1943 год. до 1-2 јануари 1944 год. со која се бара обединување на Косово со Албанија и се истакнува ставот дека „најдобар пат за Албанците да се обединат со Албанија е заедничката борба со народите на Југославија“. Исто така се наведуваат одлуките на Конгресот одржан во Лушња на 31 јануари 1920 година, со кои се укинува статусот усвоен од Лондонската конференција на амбасадорите според кој, Албанија била прогласена за „принципат“ под контрола на Големите сили, односно се бара за судбината на Албанија да одлучува самиот албански народ, како и на други документи и настани се со цел да се докаже историскиот континуитет за создавањето на Природна (Голема) Албанија. Посебно се нагласува дека Платформата се базира и на преамбулата на Уставот на Албанија во која се наведува дека правото на национално обединување е вековно настојување на албанскиот народ и на други документи.

2. Според авторите на Платформата, обединувањето на Косово со Албанија и основањето на Природна Албанија би требало да се одвива во неколку фази:

- промена на уставите на двете држави со цел да се создадат уставни основи за отпочнувањето на постапката која би ја водел Совет на мудрите во чиј состав би влегле научници и експерти кој би бил раководен од претседателите на Албанија и Косово;

- втората фаза би била основање на Конфедерација на Албанија и Косово со истовремено развивање на федерализација на Р. Македонија. Прашањето на Чемерија би било поставено до ниво на признавањето, од страна на Грција, на геноцидот врз албанското население, примена на одлуките на Потсдамската Конференција од 1945 год и признавање на правото на протераните Албанци да се вратат во своите домови во Чемерија;

- последна фаза би била создавање на единствена држава во чиј состав би биле и одредени етнички малцинства

3. Територијално, таквата Природна Албанија, покрај територијата на Р. Албанија и Р. Косово, треба да опфати делови од Р. Македонија, Р. Црна Гора, Прешевската долина како дел од Источниот Косовски вилает. Иако се повикуваат на одлуките на Призренската лига, во оваа Платформа не се опфатени делови од Санџак со Сјеница и Нови Пазар, за што своевремено се залагале Ферхат Драга и Хасан-бег Приштина со цел да се зголеми муслиманското население, како и делови од северозападниот дел на Грција до градот Јанина.

Иако голем дел од тврдењата врз кои авторите ги засноваат ставовите во Платформата се историски недоречени и бараат сериозна критичка анализа, а некои се и провокативни и се израз на големо-националистичките претензии кои се карактеристика на сите балкански, големо националистички проекти, низ историјата па се до денес, сепак, заради ограниченоста на просторот би се задржале само на некои прашања од аспект на тоа што всушност Платформата нуди – дали обединета или пак конфедерализирана односно федерализирана, мултинационална и мултиконфесионална Албанија.

Имено, основната карактеристика на албанското национално движење, покрај присутните големо националистички претензии, е определбата дека секој е Албанец независно од верата и нацијата. За времето на владеењето на Енвер Хоџа тоа се издига до догма- „Најголемата вера на Албанците е Албанството“. Целта била да се постигне целосна хомогенизација во услови на мулти конфесионални и мултинационални односи од една страна и да се спречат надворешните влијанија од друга. Негирањето на правата на националните малцинства по создавањето на независна Албанија, раселувањата, промена на топонимите, на личните имиња кои имале словенско или грчко потекло, а во последно време и бришењето на националниот идентитет од матичните книги доведуваат до целосна маргинализација на националните малцинства односно до состојба на Албанија како едно национална држава. Со Платформата и покрај одредени декларативни определби овој принцип се напушта и новата Природна Албанија станува понагласено мултинационална (на Косово покрај Албанци живеат и Срби и други националности, регионите во Македонија, Грција или Црна Гора или Прешевската долина, спрема кои се насочени аспирациите исто така не се еднонационални и сл.), понагласено мулти-конфесионална, со систем на конфедерална и/или федерална држава, со бројни отворени проблеми кон соседите.

Гледано од историска перспектива по прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година, во Албанија е константно присутен отпорот кон претензиите на „косоварите“ да владеат со Албанија што доведувало дури и до физички ликвидации на многу истакнати лица меѓу кои и на Хасан Приштина (13 август 1933 година во Солун) и др. Неспорно е дека албанското државно раководство вклучително и во времето на Енвер Хоџа ја поддржувало борбата на албанското малцинство во соседните држави, но никогаш не истапило (освен во последните настапи на премиерот С. Бериша на прославата на Косово кои подоцна се релативизирани дека биле дадени во историски контекст) со барања за обединување и создавање на конфедерација или федерација со Косово. Кон крајот на 60 и почетокот на 70-тите години на минатиот век одделни политички структури на Косово го покренуваа прашањето за обединување со тезите дека развиеното Косово ќе владее со неразвиената и изолирана Албанија.

Единствено во таа насока се ставовите на Бујанската конференција но и тие мора критички да се анализираат за што всушност станува збор. Било како и да е, политичкото уредување на „новата Природна Албанија“ мора да биде така уредено да ја изразува новата структура во Парламентот, Владата, управните и другите структури, да ги прифатaт принципите на плуралистичката демократија во поглед на организирањето на политичките партии и изборниот систем, уставно и во структурите на власта да ги обезбеди правата на националните малцинства, кои нема да бидат само маргинални структури, да ја прифатат мултиконфесионалноста која квалитативно ќе биде променета и сл.

Дали Р. Албанија е подготвенa на вакви решенија дотолку повеќе ако се знаат културолошките и други разлики кои се уште присутни помеѓу Тоските и Гегите, ако се знае дека секое менување на границите во регионот е истовремено и негова неминовна дестабилизација, со сите последици кои од тоа произлегуваат за безбедноста и стабилноста на Европа и ако се знае до што доведоа „големо националистичките проекти“ во не така дамнешното искуство на Балканот посебно со распаѓањето на С.Ф.Р Југославија. Посебно е прашањето дали Р. Албанија ќе се откаже од своите приоритети сврзани со европските интеграции особено по приемот во НАТО, носејќи го при тоа бремето на отворени конфликти со своите соседи, односно да ја пропушти својата историска шанса за балканска и европска интеграција, која прв пат и се дава по нејзината независност, која долго време беше изолирана, како заради систематското изолирање од страна на соседите Кралството СХС и Грција меѓу двете светски војни, така и поради изолационизмот кој ѝ беше наметнат од страна на режимот на Енвер Хоџа. И сето тоа поради интересите на одредени политички профитери. Време е да се пробудат сонувачите за Природна Албанија и сите оние кои сѐ уште ги сонуваат големо националните проекти на Балканот, карактеристични за 19 век. Живееме во втората деценија на 21 век.

Повторно политичко профитерскиот настап на Еди Рама се јавува и денес (април 2017-февруари 2018) но, не ретко со премолчена согласност и на Претседателот на Косово – Ашим Тачи, насочен кон ЕУ како координиран притисок за прием во НАТО и ЕУ“дека, во спротивност Албанија и Косово ќе се обединат“. Своевремено брзо следеше реакцијата на САД и директни предупредувања преку изјавите на амбасадорите со кои се осуди не прифатливоста на ваквите ставови. Се чини дека на амбициите на Рама да биде ‘‘се албански лидер“ во регионот им нема крај или пак и тој ќе ја доживее судбината на ставовите на Сали Бериша.
 

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ