• 10 декември 2024
  • Вести денес: 0

Ова не е пледоаје за одбрана на градоначалникот на Скопје по повод на расправата околу цената на водата. Напротив, можеби е уште една провокација за негово размислување дали и како треба да ја остварува својата функција, но и за граѓаните на Скопје каков градоначалник сакаат и дали воспоставениот систем дава можност да имаме градоначалник и град таков каков што сакаме денес и за во иднина.

Сигурно дека човекот, неговиот капацитет да ги спознае вистинските причини за летаргијата во која се наоѓа Скопје, неговата амбиција да се соочи со проблемите и да отвори процеси за развој, се клучен фактор во насочувањето на општествените процеси.

Оттаму час поскоро, градоначалникот треба да иницира да се направи продлабочена анализа на факторите, пред сè правните и институционалните, кои го ограничуваат функционирањето на Градот Скопје како локална самоуправа, но и да го „проветри“ своето опкружување, како кон оние што не се согласни со новиот пристап, така и кон оние што се дел од неговиот тим, кои многу ветуваа во изборната кампања, а откако се стекнаа со привилегиите, го оставија градоначалникот да биде дежурен виновник. Клучно е исто така, неговиот однос кон републичките центри на политичка моќ секако посебно на неговата партија. Дали ќе се однесува како послушник или како креативен реализатор на политичкиот проект гледано од аспект на интересите на граѓаните на Скопје.

Но, тоа е само дел од решението. Останува суштинскиот проблем - зошто Скопје делува како структура, растргната помеѓу општинскиот и републичкиот односно државниот центризам? Зошто Скопје како посебна единица на локалната самоуправа но и како економско социјална, политичка и културна заедница, заедно со општините, ја нема онаа моќ што му припаѓа според неговото учество во создавањето на бруто-националниот производ на Македонија, како национален, културен и научен центар, како главен град, како центар на науката, образованието, медиумите или спортот преку кој се идентификува Република Македонија?

Од денот кога Скопје се дефинира како посебна единица на локалната самоуправа, наспроти поранешниот концепт, како заедница на општините, се појавија и поделбите на градски и општински интереси, иако тоа најмалку беа интереси на граѓаните туку пред сè беа интереси на општинската и/или градската бирократија зависна од републичките центри на моќ, независно од тоа дали таа беше продукт на еднопартискиот или, пак, на повеќе партискиот систем. Променет е само вокабуларот зад кој се кријат многу конкретни интереси за „газдување“ со имотот и парите, но пред сè со кадровската политика, секако за остварување на личните интереси. 

Наметнувањето на интересите на државниот центризам отсекогаш доведуваше, доведува и доколку се задржат (анти)системските решенија ќе доведува до тоа и во иднина Скопје никогаш да не израсне во хомогена и организирана единица на локалната самоуправа во градска заедница, која пред сè ќе ги изразува интересите на граѓаните. Скопје сè повеќе ќе се претвора во декомпонирана урбана агломерација заробена во перманентниот конфликт на интересите помеѓу државниот и општинскиот центризам со сè поизразена паланечка малограѓанштина.

Спиритус агенс на ваквите состојби е политократијата чии интереси да се владее се директно спротивни со артикулирањето на специфичните интереси на граѓаните и на Скопје како најсилна социо-економска целина. Ако порано тоа се изразуваше како судир внатре во партијата, денес тоа се изразува како жестока борба помеѓу партиите да се владее со Скопје на начин што ќе ги потиснува кои било тенденции на изразување на посебните интереси и потреби. Стравот од јако Скопје отсекогаш претставувал синдром на центрите на политичката моќ на Републиката. Јако Скопје во еднопартискиот систем ги загрозуваше интересите за персонално владеење со институциите и со стопанството на Скопје како најсилен израз на политичка моќ. Јако Скопје во периодот на транзицијата ќе значеше спротивставување на вулгарната национализација на имотот на градот изразен преку деловниот, културниот, спортскиот па и станбениот, простор создаван неретко со средства на самите граѓани. Како инаку да се објасни „национализацијата“ наречена „транзиција“ на јавната сопственост на Градот изразена преку спортските и други објекти изградени со самопридонес, или пак да се објасни „национализацијата“ на деловниот простор изграден со откажувањата на градот од комуналните фондови и сл.

Разнебитената заедница на Градот Скопје немаше и сè уште нема капацитет да се спротивстави на ваквите и слични појави што го осиромашија и го осиромашуваат не само Градот и општините туку и пред сè граѓаните.

Потребно е да се одговори и на прашањата колку Скопје учествува во создавањето на буџетот на Републиката, а колкава е неговата партиципација во одлучувањето; каде одат парите, од концесиите на јавните објекти; каде одат парите од продажбата на земјиштето во чија цена се и парите што ги давале или ги даваат граѓаните за нивната инфраструктура и многу други прашања што за Скопје, како сложена урбана агломерација, немаат ефемерно, туку пред сè егистенцијално значење и суштина.

Денес градската сообраќајна, комунална и друга инфраструктура и опремата од јавен интерес е во колапс. Општините обземени со својот, пред сè личен егоцентризам, беа и се лесен плен за инструментализација од страна на државниот центризам, а посебно од урбаната мафија.

Инфериорната градска администрација, во борбата за гола егзистенција, исто така, во целиот изминат период немаше и нема капацитет да се спротивстави на инструментализацијата на републичките партиски политички центри и политократијата. Погледите на советниците во Градското собрание, освен одделни, повеќе лични, истапувања, исклучиво се свртени кон републичките центри на нивните партии. Оттаму се чекаат „директивите“ каков став да се заземе по прашања кои се, пред сè, егзистенцијални за граѓаните на Скопје. Тие немаат сопствена политичка „база“ на ниво на градот (а ако ја имаат тоа е само формално), а исто така односите со општинските организации, доколку постојат се само формалин или изнудени во услови кризни ситуации.

Во Скопје, освен некои повеќе формални организации, нема организирани политички субјекти како посебни форми на политичко дејствување на политичките партии на ниво на градот, кои ги изразуваат специфичните интереси на граѓаните во рамките на одреден политички проект на партијата. СДСМ еднаш ја укина градската организација поради одредени персонални проблеми потоа повторно ја воведе, но без сопствен идентитет и содржини на политичка акција, која е израз на политичката, културната и друга структура на Градот. ВМРО-ДПМНЕ нема градска организација, таква е состојбата и со ЛДП која во минатото имаше и градоначалник, а политичките партии на Албанците останаа заробени во својот етноцентризам со цврста врзаност за републичките центри на нивните партии поради што и не можат да се препознаат како граѓански низ чија акција ќе се артикулираат интересите на граѓаните. 

Навистина чии се советниците во Градското собрание ако на ниво на Градот не постојат политичките организации или постојат само формално. Оттаму и не е тешко да се сфати зошто советниците молчат кога преку една конкретна граѓанска иницијатива се бара преземање на одредени акции или, пак, спречување на одлуки со кои се загрозуваат интересите на граѓаните. Постои страв од ваквите граѓански иницијативи кои сигурно нема да застанат само до ниво на Скопје туку ќе затропаат и на вратите на политичките центри, кои толку многу се обезбедени што преку пропорционалниот систем се овозможува на една иста структура да владее без ограничен мандат и без одговорност пред оние кои ги бирале. За градските советници беше подобро да се скријат зад скутот на нивните републички спонзори што одлучуваат и за нивните кариери.

Состојбата на разнебитеност не е само во парламентарниот систем и извршната власт, туку и во другите сфери што се неопходни за артикулирање интереси на граѓаните, на јавниот и приватниот сектор во сверата на коморското организирање, на синдикалната организираност на работниците или пак на пензионерите. Не постојат, или се наоѓаат во состојба на преживување организираните форми на синдикатот, на стопанските комори, на културните заедници. Градската и општинските администрации се екстремно затворени во пренесувањето на одредени, со закон дозволени надлежности, на невладиниот сектор, како израз на поттикнување на иницијативноста на граѓаните и широко мобилизирање на расположивите креативни капацитети што се концентрирани во Скопје. Проблемот е во стравот да не се загрози власта, да не се открие нејзината зачмаеност и неинвентивност и да не се „изгуби добитното место“ на идните советнички или пратенички листи.

Време е да се разбранува жабокречината и опортунизмот што владее во Скопје и со Скопје. Да се загребе многу подлабоко од ефемерноста која ја носи во себе која било акција што проблемот го сведува на персонална промена. Секако тоа не го ослободува градоначалникот од неговата одговорност, но не ги ослободува од одговорноста и сите градоначалници на Скопје како и Градскиот и општинските совети, посебно политичките партии кај кои постои страв од јаки политички структури на ниво на градот, кои ќе имаа доволен капацитет да го предизвикаат ангажманот на огромниот интелектуален и друг потенцијал со кој располага градот, а што ни една друга единица на локална самоуправа не е во состојба да го пружи, посебно кога е во прашање создавањето на толку потребната критична маса за отворање нови процеси во развојот на локалната самоуправа.

Сигурно е дека ваквата состојба на аномија не може долго да трае.

Секако тоа бара време, на созревање на сознанието за потребата од изградена, ефикасна и пред сè одговорна градска заедница, способна да се спротивстави на сите видови инструментализација, но и да ги активира сите потенцијали со кои располага. Заради тоа и во тоа ја гледам суштината за одговорност на градоначалникот на Скопје. Би било голема штета и изгубена надеж доколку зад неа се кријат други интереси.

Можност е да го покренеме прашањето каков град сакаме и што треба да сториме за да го оствариме тој сон. Но, за таа цел е потребно Градот Скопје и општините да си ги повратат правата да одлучуваат, а со тоа и да одговараат за сегашноста и иднината на граѓаните. Во спротивно ќе останеме заробени од разноразни „регулаторни“ комисии, управни одбори и други парадржавни институции, кои се намножија како печурки по дожд, да одлучуваат за наметите врз граѓаните „согласно со европските стандарди“, а Градот и општините да бидат одговорни за состојбите. Секако ова не е проблем само на Скопје. Станува збор за застој на остварувањето на локалната самоуправа како системски проблем што бара сериозни реформи.

(Објавено во „Слободен печат“)
 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ