• 10 декември 2024
  • Вести денес: 0

Политбирото на СДСМ покажуваше драматични доктринарни, идејни, интелектуални и стручни ограничености уште кога партијата беше во опозиција. Многу гигабајти ми отидоа на таа тема. Тие слабости ги покриваше самата историчност на процесите во Македонија, нивната закономерност, разбуденото општество, позиционирањето на меѓународниот фактор, моронските политики на вмроните и личноста на партискиот лидер, изградена од до тогаш незабележани елементи на храброст, добронамерност, отвореност, правдољубивост, трпеливост, слободоносност!

Кога дојде ред опозициската комоција што беше изградена од демагошки тралалајки за животот што ќе се врател и слични популистички будалштини, да се замени со одговорноста што ја носи власта, со општите работи, со формите, методите и ресурсите со кои тие ќе се уредуваат и проектираат, со интерполации на бескрајните општествени комбинации, со концентрираното и ослободено внимание на јавноста, се покажа дека таа екипа тешко би поминала и на конкурсот за раководење со шанк-службата во кафето „Корзо“.

Како македонски репрезентативци во голф и бадминтон што Циле на историјата ги испратил на Олимписките игри во Пјонгчанг - толку се елегантни и бесмислени. Не се во состојба да овладеат со органите што им се дадени на управување, не се во состојба да формулираат политики што се макар приближно на нивото на историскиот момент, неотпорни се спрема минските кадровски, нормативни и други инсталации на стариот режим, не се во состојба да го менаџираат проблемот на ограничените ресурси и очекувањата на општеството, на најубедлив можен начин ја потврдуваат заложбата за транзицијата на Македонија од заробена и уништена држава во слободен и ревитализиран свет како проект на општеството, а не на партијата, но неколку други работи го организираат и прават на така драматичен начин видлив нивниот хендикеп, односно нив ги прават видливи како хендикеп.


Скромни капацитети

Прво, историчноста на предизвиците, нивото на девастацијата на државата, на општеството на економијата и на културата, извршено од злосторниците на ВМРО-ДПМНЕ, исклучителноста на моментот, огромната љубопитност и надеж што беа формирани во јавноста, шансата за епски пресврт, културолошки и легитимациски пресврт, во кој смената на власта е само еден аспект, ја направија очебијна не само разликата со нивните скромни капацитети туку и последиците од таа разлика!

Второ, СДСМ се откажа од победничкиот наратив и менталитет, се откажа од строгоста на победникот, тие рекоа дека ќе бидат легалисти и обединители во услови во кои режимот беше оставил квазилегалистички мини под македонскиот воз и под нивната власт и по таа линија во однос на своите луѓе во власта, СДСМ не се постави како авторитет, како неспорна и беспоговорна инстанца, како заштитничка мрежа од типот каков што ВМРО беше за своите луѓе. Ниту, пак, изгради таков гард кон општеството во целина.
Можеме да разговараме колку таа идеја беше добронамерна и благородна, но од аспект на природата на политичките и општествени конфликти, во вака неконсолидирано општество, таа беше беспримерно наивна и во меѓусебна корелација со ограничените капацитети на луѓето: ограниченоста ја потхрануваше наивата и безидејноста, благоста и тупавоста, а таквата постановка влијаеше повратно врз перцепцијата на нивните капацитети.

Третата поврзана работа на која се надоврзува и меѓународниот фактор, беше и сè уште е одбивањето ВМРО-ДПМНЕ да се третира како злосторничка организација. Еден од мотивите секако е грижата за политичкиот систем. Изгледната ликвидација или апсолутната маргинализација на оваа инсталација по локалните избори е спречена поради две причини: првата е дека вознесот на идејата за промените повторно ќе го субјективизира односно освести македонското општество на ниво кое некои внатрешни и надворешни фактори не го посакуваат и, второ, дека тој вознес ќе го деструира политичкиот систем со реални шанси без присуството на ВМРО-ДПМНЕ, аут, полека-полека, да отиде и СДСМ. И затоа работата се закочи со смената на власта и со замочување и засерување на единствените и неповторливи надежи на општеството за нормалност, правда, мир и просперитет. Компромитирани се и очекувањата и самите промени.

Тажно. Многу тажно. Голема греота.

Апелот на Заев за трпеливост е прифатлив во однос на резултатите, но е неприфатлив во однос на идејната ориентација и кадровската капацитираност за остварување на целите на Република Северна Македонија. Хахаха, мораме да се навикнуваме. Галопираме во погрешна насока и во таа смисла апелот за трпение е циничен и по малку смртоносен!

Македонија беше демонтирана на фонот на европската и воопшто западната политика што ја претпоставуваше стабилноста пред демократијата и правдата. Дури и сеопштата пљачка и галопирачката фашизација ги сметаше за елемент на стабилноста. Во меѓувреме, беше најавено дека ќе се случи радикална промена на таа политика, но во случајот со Македонија тоа се одвива на еден перверзен начин: заштита и легитимација на злосторничкото здружение преку наводни реформи и кадровски смени во врвот и преку инсистирањето на легализмот во услови кога тоа чудовиште е најдеструктивната и самоубиствена оставштина на фашисоидниот режим на Груевски.
 

Проблематична визија

Еве еден статус од Фејсбук како илустрација. Да дошле СДСМ на власт во Германија во 1945 година, Бухенвалд денес би функционирал како собирен логор за Евреите и другите нижи раси, а обидите да ја отстранат законската основаност на фабриката на смртта би биле блокирани со илјадници амандмани на парламентарната група на Националсоцијалистичката работничка партија. Во меѓувреме, некаде на почетокот на 1946 година, Програмскиот совет на логорот би го реизбрал Ервин Динг Шулер за главен хирург. Почитувањето на нормативниот систем што го оставиле злосторниците, е злосторство, а не легализам. Тоа е. Престанете да нè убедувате дека не смееме да дишеме додека не го смениме законот со кој вмроните забраниле да се дише додека тие не се вратат на власт.

Истата димензија ја има и статусот за Шилегов: Ако немаш законски основи да ги смениш директорите, имаш уставни можности да ги смениш законите, а, ако тоа ти се чини премногу возбудливо, имаш законски можности да ги натераш директорите самите да заминат. Доста со таа мантра. Не се законите и вмронските нагазни мини проблем, туку се проблем три други работи:

1. Политичката волја и визија на власта.
2. Политичката имагинација на власта во деминирањето на системот.
3. Квалитетна кадровска понуда на власта.

Проблемот е во тоа што власта не исполнува ниту еден од овие критериуми.

Така ли е, бе, Шилегов!?

Остави столпчињата по тротоарите да ги работи надлежната комунално-урбанистичка и сообраќајна служба, не те избравме за тоа, те избравме да мислиш на покрупни теми. Појди да си инсталираш картичка со 256 гигабајти и почни да работиш.

Јас ја разбирам деликатноста на моментот. Тенкото парламентарно мнозинство, односите со ДУИ, проблематичниот, благо кажано, профил на партијата на Ахмети, но и покрај тоа не можам да се сетам дека во историјата на политичките доктрини и практики има случај на побрзо и побезвезно поарчување на поголем политички и општествен капитал од случајот со другарите од СДСМ.
Само драматични кадровски и идејни промени можат да спасат нешто од целата епопеја Не само смени на одделни министри и директори. Топката е кај Заев. Мора да се знае дека поразот на идејата за промени нема да биде само пораз на СДСМ туку пораз на Македонија. Се разбира, јас не сакам да ставам знак на равенство меѓу една партија и државата, но, просто, моментот е таков. ВМРО-ДПМНЕ го потроши идејниот капацитет без остаток, СДСМ ги арчи последните резерви. Тоа што ќе остане, ако нешто воопшто остане, ќе бидат клиентелистички, односно криминални структури во криминализиран режим и мртво општество.
Не сум сигурен дека во таква ситуација можат да бидат можни какви било политики, вклучително и политики за реализација на меѓународните обврски.

П.С.
Американскиот амбасадор во Атина изјавил дека прашањето за името на Македонија за САД е решено прашање. Неверојатно, но и јас мислам така. Еден мој пријател од Твитер вели дека ултиматумите не се решаваат со компромиси. Точно, му викам јас, се решаваат со прифаќање на ултиматумот. Преговорите се дел од фолклорниот фестивал за забава на широките народни маси, Ќе го смениме името и Уставот и пасошите и ќе живееме долго и среќно и ќе имаме многу деца и внуци! 
 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ