• 27 декември 2024
  • Вести денес: 0

За српскиот претседател Александар Вучиќ, нема сомнение, Македонија е болна тема. Прво ја лансираше за време на претседателската кампања, со тоа што на речиси секој митинг не пропушташе да нагласи дека нема да дозволи „македонско сценарио“ во Србија. Беше јасно дека српскиот популист и автократ, кој малку по малку успеа да ја акумулира сета моќ во својата земја, се идентификува со неговиот овдешен пандан Никола Груевски. Гледајќи ја судбината на Груевски, Вучиќ стравува дека истото и нему може да му се случи. А во стравот, велат Србите, „очите се големи“.

Во сиот период на борбата против режимот на Груевски провладините медиуми во Србија ја „гуслаа“ вмровската приказна за македонската политичка криза, со јасни симпатии кон диктаторот што не се предава и со жестоки напади врз неговите противници. Дури и Иванов беше славен како херој што рекол „одлучно не“, (со амнестијата, со мандатот) иако после одрекол.

Дотука работите беа во сферата на прифатливото „навивање“ во корист на омилената страна, но ѓаволот сериозно ја однесе шегата кога стана јасно дека Вучиќ и Србија не се задржале само на зборови, туку презеле и конкретни чекори против „македонското сценарио“. На тоа укажа несреќното уловување на српскиот разузнавач во Собранието за време на крвавиот четврток. Тоа сериозно го постави прашањето за улогата на Србија во обидот за насилен пуч во Собранието, кој можеше да ескалира до непредвидливи размери, а и да ја дестабилизира земјата и регионот. А како уште една епизода од истата „борба против македонското сценарио“ може да се гледа и последниот дипломатски земјотрес што Белград го предизвика со ненадејното повлекување на целата своја амбасада од Скопје.

Вучиќ е диктатор во развој, какви што на Балканот никогаш не биле во дефицит. Тој ги изоде сите скалила на српската политика, од обичен партиски апаратчик, разнесувач на гајби и потрчко на Шешељ, кој се прослави со своите ултранационалистички, военохушкачки говори, преку пратеник, кандидат за градоначалник, министер за информации, а потоа за одбрана, па премиер, и на крајот претседател. Со гордост изјавува дека на сите функции стигнал како најмлад, иако првото и единствено вработување (директор на спортска сала) го добил по партиска линија.

Слично на Ердоган (со Ѓул) или Груевски (со Бошковски и Груевски), тие што му беа политички идоли и промотори (Шешељ и Николиќ), подоцна му станаа крвни непријатели. Вешт е во игрите на моќта – кога беше премиер, тотално го развласти претседателот Николиќ, а сега кога е претседател, тој го има главниот збор, а премиерката Ана Брнабиќ делува како негова секретарка.
Апсолутен популист, кој им ги решава проблемите на полноќ (буквално) на граѓаните, спасува деца настрадани од поплави или онесвестени во студио, но секогаш пред будното око на камерите. Вечно е во војна со новинарите и медиумите, на прес-конференции отворено се кара и ги навредува и дрско одбива да одговара на прашања.

Додека беше министер за информирање во владата на Милошевиќ се „прослави“ со Законот за информирање, кој со високи парични казни, кои мора да се платат во рок од 24 часа, требаше да ја задуши секоја слобода на говорот. Тогаш за кратко време згаснаа многу медиуми како „Дневни телеграф“, „Европљанин“, „Наша борба“, многу радија и телевизии. Таа негова пасија за задушување на критичките медиуми и новинари продолжува и денес.

За овие пет години, во кои успеа да ги зграпчи во свои раце сите лостови на власта, Вучиќ успеа да го стерилизира јавното сеќавање и да ја „оплакне“ својата биографија. Успеа да се „ребрендира“ како проевропски и реформски настроен политичар, кој не бега од проблемите. Сепак, има луѓе во Србија кои се сеќаваат дека пред десетина години во една лефтерна ТВ-емисија за виното, кога го прашале кога во животот најмногу се опил, одговорил: Кога Ѕвезда стана првак на Европа, кога беше убиен Славко Ќурувија и кога беше убиен Зоран Џинѓиќ!?


 

Објавено во „Слободен печат“

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ