Јанис Бутарис, веќе во два мандата градоначалник на Солун, е неконвенционален политичар – познат по своите седум тетоважи и пирсинг во увото, со „еж“ фризура, денес сосем бела, ретко во вратоврска, секогаш со цигара, нималку не одговара на сликата на политичар во традиционалистичка и конзервативна Грција.
Уште помалку по своите политички сфаќања – прогресивен, толерантен и либерален, отворен противник на национализмот, заговорник на непопуларните мерки на штедење. Секогаш прв кога треба да се разбие некое табу - дали да им се даде дозвола на муслиманите за џамија во Солун, да се зборува за геј-права, да се проговори за трагедијата на солунските Евреи или да се скрши мразот со северниот сосед.
Без предрасуди во 2012 година ја посети Битола и потпишуваше договор за соработка, а неделава на прес-конференција не се колебаше да го употреби зборот „Македонија“ мислејќи на нашата земја. При посетата на Крушево се пофали дека е горд на своето крушевско-влашко потекло, па дури и најави дека ќе ја обнови куќата на своите предци по мајка.
Неговиот животен пат не бил секогаш мазен – како винар, бил успешен и наградуван во бизнисот, но виното го довело и до работ на пропаста – не го крие фактот дека станал зависник од алкохол, а денес наместо роденденот, го слави денот кога пред повеќе од 25 години ја победил зависноста.
И покрај радикалниот „неполитичарски“ имиџ, Бутарис има голема светска репутација и добива формални и неформални признанија. Светските лидери го нарекуваат „светилник на надежта“, „модел за иднината“. Сосема е нетипично ММФ и Светска банка да зборуваат во суперлативи за грчки политичар, но него отворено го фалат, а неговиот град го нарекуваат „остров на надеж“. Од Европската комисија не штедат комплименти за неговите напори да ги контролира јавните трошоци и да го намали дефицитот во градската каса.
„Бутарис е исклучок, тој е светилник, секој може да научи нешто од него“, вели член на европската комисија во интервју. Очигледно, можеме и ние.
ФАКТИ:
1942
роден во Солун во семејството на Стелиос Бутарис, производител на вино, и Фани Влахос, Влаинка од семејството Ничота од Крушево. Се образувал во експериментално, авангардно основно училиште.
1967
Магистрирал енологија на Институтот за винарство во Атина, откако две години претходно дипломирал хемија на Аристотеловиот универзитет во Солун. Како студент бил близок на грчката левица ККЕ.
1969
Почнува да работи во семејната винарница во Науса, а подоцна ја напушта и формира друга успешна винска компанија „Кир Јани“.
2003
По повеќе од 30 години во винарскиот бизнис, компанијата му ја препушта на синот и решава да влезе во политиката, поставувајќи се како центрист, ненационалист и про-бизнис социјалдемократ
2006
неуспешно се кандидира за градоначалник на Солун, со програма за радикални промени во градската самоуправа, фокусирана на економски развојот
2010
За првпат е избран за градоначалник на Солун, откако доби поддршка од повеќе центристички и лево ориентирани партии. Во првиот мандат значително ги намалува трошоците на градот и буџетскиот дефицит
2014
повторно избран за градоначалник со 60 проценти од гласовите. Се истакнува со отворање на градската администрација кон јавноста и подобрување на меѓуконфесионалните и меѓунационалните односи
Објавено во „Слободен печат“