• 27 декември 2024
  • Вести денес: 0

Секое споменување на феноменот наречен европски идентитет во основа создава амбивалентни чувства. Европската унија мошне ретко дефинира што всушност претставува европски идентитет, туку тоа останува како нешто за што се мисли дека граѓаните сами ќе го дефинираат. Но, тоа никако не може да помине и без сериозни тешкотии, бидејќи многумина се држат цврсто до девизата „кои сме ние зависи од тоа кои биле нашите предци“. Тешко се зборува за создавање на заедничка визија доколку стремежот е сè уште толку многу да се заговара свртеност кон минатото.

А со прашањата поврзани со историското минато и потеклото, и со идентитетот, често се манипулира во пропагандни цели. Во случајот на грчкото аутистичко толкување на историјата, потонатоста во „својот свет“ и во „сопствената реалност“, правото да се користи името Македонија, како што можеше да се слушне од пораките што беа упатени од протестите за името во Атина, не е на страна на државата Македонија, туку ù припаѓа исклучиво на северната грчка провинција.

Но, и последните известувања на западните медиуми од демонстрациите на плоштадот Синтагма во грчката престолнина не успеваат да се одлепат од претходно зацврстените стереотипи со кои се прават обиди да се опишат состојбите поврзани со прашањето дали некоја или некои од балканските земји го имаат своето вистинско место во европската заедница. Притоа идентитеската политика зад која стојат самите балкански земји се потиснува во полза на еден замислен европски идентитет – обликуван, пред се, во стремежот кон интеграцијата во ЕУ. Балканската историја за многумина на Западот делува компликувано и апстрактно, така што она што се дискутира е како овие земји би можеле да се приспособат кон модерна Европа без историјата да се јавува како пречка во однос на еден таков развој.

Мислењата се разликуваат зависно од тоа колку далеку наназад во историјата се наоѓа основата за заедничко европско наследство. Тоа што најчесто се посочува во однос на барањето на заеднички европски идентитет е историскиот континуитет што грчкото наследство коже да го понуди. Фасцинанцијата од грчката култура и „повеќеилјадниот континуитет во нејзиниот развој“ се сврзува со заедничката европска култура. Дури и ако еден таков поглед на историјата делумно може да го објасни спорот што го има Грција околи етничкиот профил на Македонија, тоа веројатно не се сфаќа директно како доминантна перспектива во однос на проболемот. Романтизирањето на античкиот период, како дел од модерната историја на Грција, од една страна есенцијализира еден народ, а, од друга, создава основа за заедничко европско наследство. Со други зборови, грчкото ЕУ-членство им овозможува на останатите земји-членки да ги делат истите историски основи за заеднички идентитет при што едновремено антиката се национализира и ја пласира Грција надвор од Балканот. Со тоа се дефинира и политичкиот однос кон балканските земји кои се обидуваат да се доближат до ЕУ.

Обидите и Македонија да го дефинира својот линк, како што е познато, што ќе ја поврзе со наследството од античкиот период, наидува на силни спротивставувања од страна на Грција. Преименувањето на аеродромот и автопатот се само еден конкретен резултат од континуираните грчки притисоци. Таквите притисоци, се разбира, имаат за цел да извршат влијание врз македонската држава да ја преформулира својата идентитетско-политичка стратегија, за на таков начин да може да биде поссодветна за интегрирање во една поголема заедница. Но тоа што се затскрива, и останува недоволно видливо во тој процес, е дека „партнерот“, Грција, споредно со тенките ресурси на Македонија, располага со сите силни средства за притисоци, чија крајна цел да се осигура сопствената идентитетско-политичка стратегија, црпејќи енергија од национален-романтичната одбрана на историјата која се протега се до антиката.

Западните медиуми тешко успеваат да ја нијансираат оваа проблематика. Напротив, само придонесуваат за јакнење на стереотипте и површните толкувања. Една груба формулација во извештајот на шведската телевизија од масовните грчки протести во Атина, дека грчко-македонскиот спор започнува кога Македонија ја прогласила својата самостојност од Југославија, и тогаш „го избрала токму името Македонија“, предизвика низа реакции од страна на Македонците во Шведска. На протестот што до шведската телевизија го упати Македонскиот сојуз во Шведска, укажувајќи, меѓу другото, дека таквите конструирани погрешни факти создават конфузија во прилог на грчките пропагандистички интереси, бидејќи македонскиот идентитет и државност не започнуваат од распаѓањето на Југославија, одговорот беше дека имаат разбирање за вознемиреноста и фрустрациите што ги предизвикал прилогот на шведскиот репортер од Атина, и дека, всушност, требале да се потрудат подобро да „објаснат дека конфликтот всушност траел од поодамна, но се интензивирал во 1991 година“. Западните медиуми, со ваков вид објаснувања и предрасуди, само ги заоструваат разликите и недоразбирањата.

Проширувањето на ЕУ не е само територијално. ЕУ во добар дел го опишува Балканот, а едновремено го дефинира и европскиот имагинарен идентитет. На таков начин се создава и ментално повлекување граници, бидејќи тоа подразбира последици за балканските земји за кои се смета дека никогаш не ќе можат да го достигнат степенот на развој каков што го бара западноевропската норма. Затоа се принудени, вклучувајќи ја тука, се разбира, и Македонија, постојано да спроведуваат реформи и да ги прифаќаат барањата што доаѓаат однадвор.

Што се однесува до Грција, пак, таа продолжува да го брани своето место како припадност во западната сфера, иако ирационалните ставови и барања кои се слушаат од масовните грчки протести не можат ни од далеку да се сметаат за суштински дел од „новиот“ заеднички европски идентитет – па колку тој и да е имагинарен. Наместо тоа, всушност само ги засилуваат страхувањата од непосакуваното ширење на „балканизацијата“ – кон Европа.
 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Иванов, сертификаторот!

Сè уште не е јасно која ќе биде натамошната улога на Иванов во развојот на настаните во Македонија, па тој, веројатно за секој случај, се обидува да инсталира нови новинарски „олуци“ за да му се најдат, што и да мисли да прави понатаму.

Името и невиноста

На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

За националното, хистеријата и лебот

Што има врска некое дете, кое по националност е Албанец, да биде „одговорно“ за сите Албанци?

Сертификати за идиоти

Знаете ли кои се тие „стручни лица – новинари“ што добиле безбедносни сертификати од Иванов? Кодошите на тајната полиција. Можеби и некој за кој Иванов сака да помислиме дека е таков.

Ќе ги загуби ли Заев нервите?

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав.

Мал чекор за Ќосето

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим.

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

НАЈЧИТАНИ